Македонија
8. September 2015 - 16:58

Целосна реконструкција на Св. Еразмо во Охрид

Со 4 милиони евра инвестиција, министерството за здравство најави комплетна реконструкција на  специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид. Целосно ќе биде сменет ликот на амбулантите, лабораторијата, операционите сали и болничките оддели. За две години кога треба да завршат градежните работи, пациентите ќе добијат современа здравствена установа по сите светски стандарди.

-Оваа болница датира некаде од 1950 година (кога функционирала во бараки), потоа во 70тите години бил изграден објект од поцврста градба, а веќе во 90тите години била изградена карабината врз основа на која во претстојниот период ќе се гради нова, најсовремена болница. Оваа карабина е нем сведок на транзицијата, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.

По реконструкцијата во истиот објект ќе биде и заводот за кардиоваскуларни заболувања. На тој начин според надлежните ќе функционираат како мини ургентен клинички центар а ќе се зголемат и капацитетите за дијагноза и третман на пациентите.

Значајна карактеристика е што овој објект се наоѓа во еколошки чиста и незагадена средина, што дополнително го подигнува целокупниот квалитет на престојот во установата, така што со завршувањето на реконструкцијата очекуваме значително подигнување на квалитетот на здравствените услуги во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“, како и во Заводот за кардиоваскуларни заболувања, вели Тодоров.

Реконструкцијата на Св. Еразмо е само дел од инвестицискиот циклус во здравствената инфраструктура. Дел од проектите се завршени, дел се во тек а кај некои градежните работи ќе почнат во октомври.