Македонија
30. August 2016 - 16:30

Бутарис се извини користењето на термините Македонија и македонски јазик – се изразил неправилно

Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис, по критиките во јавноста, се извини за употребата на името Македонија и македонскиот јазик во интервјуто за Сител, тврдејќи дека се изразил неправилно.

,,Се изразив неправилно. Во интервјуто што го дадов за скопската телевизија, еднаш велев Скопје, друга пат Македонија, но и Славомакедонија. Главната работа што сакав да ја нагласам во интервјуто е зошто вие како Словени не си содавате сопствена историја, туку крадеете историски податоци и велите дека сте потомци на Александар Велики’’, изјави Бутарис пред градските советници.

Токму честото менување на ставовите беше едно од прашањата до Бутарис во интервјуто.

,,Морам да приметам дека неколкупати ја менувате вашата позиција во однос на постоењето на македонскиот јазик и македонската нација. Како гледате сега на посебна македонска нација со сите нејзини идентитетски карактеристики?’’

,,Прво, кога зборуваме за македонскиот јазик. Не се грижам ако јазикот се нарекува македонски. Тоа е словенски јазик и навистина не се грижам. Ние немаме македонски јазик, ние имаме грчки јазик. Значи навистина не се грижам за тоа. Тоа што ме вознемирува, а мислам дека ги вознемирува сите во Грција е ова менување на историјата. Се уште инсистирам на тоа, дека словенското население има толку многу работи на кои треба да биде гордо, што не треба да претендира. Тоа дошло во оваа област илјада години по Александар Велики. Значи каква е поврзаноста? Велам дека историјата на регионот е толку измешана со култури, што не можете да бидете таму и на некој начин да се обидете да украдете историја од некое од племињата, како Македонци’’.

Во извинувањето Бутарис објаснува дека тој не води сопствена надоврешна политика, туку ја подржува владината политика за градење мерки за доверба, кои ќе ги надминат проблемите, ќе дадат одговори на сите историски несогласувања и ќе го остават за решавање само главното прашање кога ќе има влада со целосен политички легитимитет.

Лидерот на опозицијата во градскиот совет, Ставрос Калафатис на жалењето од Бутарис му порача дека и голем број солунчани жалат за тоа како тој ги менаџира сериозните прашања, надевајќи се дека неговите грешки немаат некоја друга позадина. Првиот човек на партијата ,,Независни Грци’’ од северна Грција, Апостолос Ѕиѕикостас, пак изјави дека ништо не се сменило кај Бутарис во изјавите кои ги дава со неподнослива леснотија, очигледно се уште е збунет дали е градоначалник на Солун или на Скопје, обвини Ѕиѕикостас.