Балкан
13. February 2018 - 9:37

Бутарис: Аеродромот „Македонија“ може да се преименува во „Никос Галис“

Градоначалникот на Солун Јанис Бутарис изјави дека треба да се размисли за промена на името на солунскиот аеродром „Македонија“.

- Не велам дека треба да се промени, но само јавно прашувам, да рзмислиме за тоа бидејќи името „Македонија“ „го подели светот, не подели нас“ и од тоа сите губиме, рече Бутарис во изјава за грчката ТВ Скај, пренесува МИА.

Според него, аеродромот би можел да го носи името на прославениот грчки кошаркар Никос Галис, кој, како што вели, е меѓународно призната личност и единствениот од Грција кој влезе во американската Куќа на славните. Како дополнителна причина за преименување на аеродромот, истакнува солунскиот градоначалник, е тоа што туристите кога слетуваат Солун мислат дека доаѓаат во Скопје.

Бутарис смета и дека не се реални грчките стравувања од Македонија и дека проблемот на Грција не е Скопје, туку Анкара, и се поголемото турско влијание во регионот.

Оценува дека сега има реална можност проблемот со името да се реши, а секое одолговлекување би одело на штета на Грција.

- Подобро да добиеме 50 отсто од нешто, отколку 100 проценти од ништо. Изгубивме во Хаг, не можеме да го задржиме ветото за НАТО, изјави Бутарис.