Македонија
18. January 2018 - 16:25

Бугарскиот парламент едногласно го ратификуваше договорот за добрососедство со Македонија

Бугарското народно собрание едногласно го ратификуваше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Македонија.

- Гласаа 186 народни избраници, ЗА гласаа 186, нема против ниту воздржани и ратификацијата е прифатена“.

По гласањето министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, изјави дека постојано ќе го информира парламентот за исполнувањето и напредокот на одредбите од договорот за добрососедство со Македонија.

- Им благодарам на сите што работеа со текот на годините за тоа што се случи денес. Интересот на Бугарија не се разликува од оној на стабилна, демократска и пријателска Република Македонија. Во тоа сакам да ги уверам и оние кои се загрижени за текстот на овој договор а за жал таква загриженост слушнавме и од опозицијата во Македонија која до неодамна водеше сериозна антибугарска кампања, дека спроведувањето на договорот се одвиваше и пред ратификацијата, изјави Екатерина Захариева, Министер за надворешни работи на Бугарија.

Според пратеникот на ГЕРБ, Пламен Манушев, договорот дава можност на сите оние кои во Македонија се чувствуваат како Бугари тоа да го кажат слободно и без плашење.

За пратеникот Красимир Богданов, денешниот ден ги потврдува заложбите на илјадниците бугари кои во минататото загинале во името на единствениот бугарски идеал.

- Денес ние се ободуваме да ги смириме душите на оние стотици илјади Бугари кои загинале во име на идеалот за единство оставен од Левски, Ботев, Гоце Делчев, Даме Груев. Дали е нормално во 21 век, меѓу две братски држави да нема елементарни инфраструктурни врски, економска соработка, културен и образовен момент, вели Красимир Богданов, пратеник од ОП.

Ратификацијата на договорот за добрососедство со Бугарија следува по само три дена откако документот го прифати Македонскиот парламент со 61 глас ЗА и без присуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.