Македонија
26. July 2017 - 10:23

Бугарскиот армиски театар и камерниот оркестар „Турксој“ вечер на „Охридско лето“

Петанесеттиот ден од Фестивалот „Охридско лето“ резервиран за театарската претстава „Отело“ во изведба на Театарот на Бугарската армија и за концертот на младинскиот „Турксој“ камерен оркестар, под диригентство на Анвар Акбаров од Казахстан и Мустафа Мехмандаров од Азербејџан.

Едвај има театарска сцена во светот на која не се игра барем една од драмите на Шекспир, а меѓу денешните режисери многумина биле во искушение да допишуваат и препишуваат во духот на денешното време, не помнејќи и не знаејќи дека такви обиди се правеле уште од многу одамна.

Во фикцискиот свет кој треба да е слика на големиот, вистинскиот свет надвор од ѕидовите на театарот, доброто и злото никнуваат постојано едно до друго. Доброто, по самата природа, е ранливо. Чесните и благородните луѓе не препознаваат лесно зло кај другите бидејќи не го носат во себе. Тие, исто така, поради добрината, не се агресивни и стануваат жртви на туѓата агресија.

Злото, од друга страна, секогаш е незадоволство од состојбата на статус кво и со сите дозволени и недозволени средства се стреми кон поволна промена за себе, при тоа, пред сè за сметка на најдобрите кои се најлесниот плен и речиси секогаш успева да ги погуби. Но, порано или подоцна, поради самата ненаситна природа, тоа задолжително се враќа против самиот себе. Но доброто секогаш е склоно кон сочувство и саможртва...

Режисерот на поставката на „Отело“ Иван Бончев Урумов е дипломец на академијата за режија, на катедрата кај професор Азарјан во 1993 година. Како професор по режија предава во театрите ДТ „Н.О. Масалитинов“ во Пловдив, Младинскиот театар „Н. Бинев“, ДТ „А. Будевска“ во Бургас, а од 2017 година е режисер во Театарот на бугарската армија во Софија. Режисер е на повеќе драми од кои позначајни се: „Есенска соната“, „Женидба“, „Тартиф“, „Ромео и Јулија“, „Љубовник“ и др. Тој е добитник на повеќе награди и признанија.
„Отело“ ќе се игра на сцената во Предворјето на катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот.

За вечерва е предвиден и големиот концерт на младинскиот „Турксој“ камерен оркестар, под диригентска управа на Анвар Акбаров од Казахстан и Мустафа Мехмандаров од Азербејџан.

На програмата се „Холберт свитата“ на Грег, концерт за четири виолини на Вивалди со настап на уметниците Рамина Мукушева, Талантбек Молдоканов, Ајдан Саламова и Илајда Зејнеп Коксал, потоа одбрани дела на Чајковски, Шнитке, Гараев, Респиги, Бегалиев, Еркин, Ализадех, Туилиев со солистот Алија Машкајева на виола, и на Сарагов со солистот Рамина Мукушева.

Инаку, Младинскиот камерен оркестар на Организацијата за турска култура секоја година ги одбира најдобрите студенти од конзерваториумите од земјите-членки на „Турској“ со цел промоција на музичкиот талент и турската култура, како и промоција на дела од композитори со турско потекло кои живеат и творат во земјите на организацијата. Од неговото основање во 2010 година, оркестарот настапувал заеднички девет пати одржувајќи 40 концерти во сите земји на организацијата, како и во Европа и во САД.

Во 2011 година оркестарот го снима првиот носач на звук посветен на 20-годишнината од прогласувањето независност на турските републики, додека пак во 2013 година го снимаат вториот компакт-диск по повод одбележување 20 години од основањето на организацијата „Турској“.

Се издвојуваат настапите на оркестарот на интернационалниот фестивал во Единбург, на фестивалот за млади во Бајројт, како и концертите во престижниот „Линколн центар“ во Њујорк и центарот „Стратмор“ во Вашингтон.

За настапот на „Турксој“ камерниот оркестар од 20:30 часот е резервирана Големата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“, а влезот е слободен.