Балкан
13. November 2016 - 8:40

Бугарија: Во вториот круг од претседателските избори Радев со поголеми шанси за победа

Утринава, во седум часот, се отворија сите избирачки места од вториот круг на претседателските избори во Бугарија, во кој учествуваат поранешниот генерал Румен Радев, кого го поддржуваат опозициските социјалисти, и Цецка Цачева, кандидатот на владеачките партии.

Судејќи според последните анкети, шансите за победа се поголеми на страната на Радев, поранешен командант на военовоздухопловните сили.

Британските медиуми оценуваат дека победата на Радев најверојатно ќе ја приближи Бугарија до Русија, што ќе се одрази и на односите со сојузниците од ЕУ и НАТО.

Можна е и повеќемесечна политичка нестабилност, со оглед на фактот дека бугарскиот премијер Бојко Борисов најави повлекување доколку неговиот кандидат загуби на изборите, потсетуваат британските медиуми.

Резултатите од испитувањето на јавното мнение, што ги спроведе „Галуп интернешенел“, покажуваат дека Радев има поддршка од 51 отсто избирачи, а Цачева, која е подржана од ГЕРБ, партијата на десниот центар на премиерот Борисов, има поддршка од 40 отсто избирачи.

Во првиот круг од изборите, на 7 ноември, повеќе гласови освои Радев, кој тогаш изјави дека народот гласал за промени.

-Народот и кажа ’не' на апатијата и гласаше за промени, порача тој.

Борисов претходно изјави дека доколку Цачева не биде прва во првиот круг од гласањето, ќе распише предвремени избори.