Балкан
28. September 2016 - 18:43

Бугарија размислува за обжалување на арбитражната одлука за „Белене“

Бугарската Влада ќе побара мислење за можноста за обжалување на одлуката на Меѓународниот арбитражен суд од Женева во врска со исплатата на отштета на Русија поради откажувањето на проектот за изградба на нуклеарната централа „Белене“, јави БТА.

Како што соопшти Прес-службата на бугарската Влада, премиерот Бојко Борисов ја задолжил министерката за енергетика Теменужка Петкова да побара писмен став од адвокатската куќа „Вајт енд Кејс“ во врска со можноста или неможноста за обжалување на одлуката на Меѓународниот арбитражен суд за спорот меѓу „Националната електрична компанија“ (НЕК) и „Атомстројекспорт“ во врска со проектот „Белене“.

„Вајт енд Кејс“ е меѓународна адвокатска компанија која ги застапуваше интересите на НЕК пред Меѓународниот арбитражен суд.

Судот во јуни годинава реши дека НЕК мора да и плати 550 милиони евра отштета на руската компанија „Атомстројекспорт“, поради одлуката на Софија да го раскине договорот за изградба на нуклеарката „Белене“.

Руската компанија од Арбитражниот суд бараше да пресуди отштета од 1.2 милијарди евра.