Македонија
18. September 2017 - 18:16

Бугарија нуди помош за решавање на спорот

Основен приоритет на Бугарија за време на претседавањето со ЕУ ќе биде интеграцијата на Западниот Балкан. Нашиот источен сосед безрезервно го поддржува и членството на Македонија во НАТО, пренесе во Скопје бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер Красимир Каракачанов.
 
Сакајќи веднаш да ги прекине сите шпекулации, Каракачанов по средбата со својата колешка Шеќеринска, изјави дека Бугарија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, нејзиното име и идното име што ќе го договори со Грција.
 
,,Ние немаме проблем со името на Македонија. Ја признавме Република Македонија под нејзиното уставно име, согласно волјата на нејзините граѓани. Воедно, ние сме подготвени да соработуваме за решавање на споровите со другите земји, за да може конечно да се отвори патот за Република Македонија за полноправно членство во НАТО‘‘, изјави Каракачанов.
 
Пораката од бугарскиот вицепремиер звучи контродикторно, ако се навратиме на изјавата на шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева од пред месец и половина, според која Бугарија посакува решението за името да не биде поврзано со северни географски поими, бидејки, во Бугарија има Пиринска Македонија. На иста линија пред неколку години беше и Премиерот Борисов.
 
,,Нема ништо контродикторно, тоа го тврдам. Вие го слушнавте и бугарскиот премиер Борисов, кој пред извесно време изјави дека Бугарија ја признава Република Македонија под името Република Македонија. Подвлекувам дека тој проблем не постои помеѓу нашите две држави. Тоа е проблем со трети страни. Затоа реков дека ние сме подготвени да соработуваме да се реши тој проблем помеѓу Република Македонија и таа трета страна‘‘, изјави Каракачанов.
 
Тој нагласи и дека неговите негаторски ставови за македонскиот идентитет и малцинство се една работа кога зборува како историчар, а друга кога настапува како министер, како што е денешната посета.
 
Министерката Шеќеринска, пак укажа на новата политика, што ја водат двете влади.
 
,,После први август целта не е да кажеме дека за сите прашања сите исто размислуваат. Тоа е убавината, тоа е некогаш тежината на европскиот начин на однесување. Меѓутоа покажавме дека за некои работи размислуваме зрело, размислуваме одговорно кон своите граѓани и размислуваме одговорно кон своите држави. И мислам дека таквата нова политика која ја промовираше и владата на Р. Бугарија и владата на Р. Македонија се навистина нова шанса за целиот наш регион‘‘, изјави Шеќеринска.
 
Инаку двајцата министри потврдија дека договорот за добросоедство веќе дава резултати во областа на одбраната, на кој работат два експертски тимови, а и стратешкиот одбранбен преглед ќе ги користи искуствата од Буггарија на патот кон членство во НАТО.