Македонија
20. July 2017 - 16:20

Бугарија го смета договорот за затворено прашање, македонската влада тврди дека се можни измени, ВМРО-ДПМНЕ бара јавна седница

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева со спротивен став од премиерот Заев: текстот на договорот за добрососедство е затворен и Бугарија нема намера да води нови преговори. Во интервјуто за бугарска телевизија, Захариева повикувајќи се на декларацијата од 99-та, избегнува да одговори дали со договорот Бугарија ќе го признае македонскиот јазик, посебноста на македонскиот народ и постоењето на македонско малцинство.

Текстот на договорот за добрососедство со Македонија е финализиран и бугарската страна нема намера да води нови преговори. Договорот е важна нова страница во односите меѓу двете земји, но по потпишувањето останува да се заврши уште многу работа, Во Скопје треба да решат дали ќе продолжат да бидат изолирани уште 11 години од своите соседи и од светот, правејќи се многу големи, или сакаат да имаат европска перспектива и развој, рече Захариева.

За разлика од ставот на Захариева, премиерот Заев пред два дена пред пратениците тврдеше дека до самото потпишување, договорот е отворен и може да биде корегиран.

Договорот, како што јавно ги поставивме стојалиштата,  е одлична база за компромис. Може вака да биде потпишан, може да биде потпишан со корекции од наша страна, не од бугарска страна, корекции од бугарска страна, не од наша страна, корекции од двете страни. Се е отворено, до потпишувањето се е отворено – изјави Заев пред два дена,

По ваквите спротивставени ставови, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија поднесоа барање Собрание да свика итна отворена седница со цел јавноста да дознае колкава штета ќе претри Македонија со потпишувањето на овој договор.

За бугарскиот премиер ќе биде победа што ќе потпише договор во кој го нема терминот македонски народ, за македонскиот премиер и Македонија како држава ќе биде пораз доколку биде потпишан текст каде што не се признава македонскиот народ како конститутивен народ во Република Македонија. Очекуваме Собранието да одржи итна и отворена седница за договорот помеѓу Македонија и Бугарија, а Зоран Заев да го отвори пред јавноста за да се дебатира и народот да знае колкава корист ќе има Бугарија, а колкава штета Македонија, вели Милошоски.

Што сакате да потпишете во наше име, попладнево прашаа и од Здружението „Блаже Коневски“. На мирен протест пред Министерството за надворешни работи порачаа дека соработката помеѓу Македонија и Бугарија не треба да се темели на договор со кои два различни народи ќе имаат една заедничка историја.

Според најавите договорот за добрососедство ќе биде потпишан на почетокот на август, а станува  полноважен откако ќе биде ратификуван и во бугарското и во македонското собрание.