Македонија
30. October 2015 - 14:56

Буџетот за СЈО помина на собраниската Комисија за финансирање и буџет

Собраниската комисија за финансирање и буџет на денешната седница ја разгледа Предлог одлуката за распределба на средства помеѓу буџетските корисници  на централната власт и меѓу фондовите и заклучи да се даде на понатамошна постапка во Собранието. Со Предлог-одлуката, како што појасни вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, се реалоцираат средства од буџетот за Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

- Согласно Законот за јавно обвинителство за кривични дела кои се поврзани со незаконското следење на комуникациите Владата на Република Македонија е обврзана да обезбеди средства за непречена работа на Јавното обвинителство. Согласно финансискиот план средствата во износ од 63 милиони 420 илјади  и 428 денари се наменети за работење и непречено функционирање на Јавното обвинителство за последниот квартал од 2015 година.  Тие се обезбедуваат со намалување во разделот Министерство за финансии - функции на државата, рече Ставрески.

Нагласи дека со предложената Одлука за прераспределба на средства се предлага реалокација на средствата од буџетот на РМ од 2015 година, а согласно Законот за буџет за прераспределба помеѓу буџетските корисници на централната власт и фондовите одлучува Собранието. 

- Затоа очекувам оваа одлука да биде потврдена од Собранието на Република Македонија, рече Ставрески. 

Финансиските средства на Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се наменети за исплата на плати и надоместоци на јавните обвинители, плати и надоместоци на вработените во јавно обвинителската стручна служба, средства за набавка на стоки и услуги, трошоци за време на постапките, вклучувајќи и средства за советувања и мислења од експерти, средства за професионално унапредување, средства за одржување на просториите и опремата, како и капитални инвестиции на Јавното обвинителство.