Бизнис
7. December 2016 - 16:09

Броудстоун Дифенс ја потврди инвестицијата во Македонски Брод - Во пет хали ќе работат 200 работници

Oва ќе биде прва поголема фабрика во Македонски Брод по неколку децении, која ќе донесе економски развој, нови вработувања и обезбедување на сигурност на 200 вработени, а планот е почетокот на градба да започне кон крајот на овој месец, напиша Груевски на социјалните мрежи во врска со инвестиицијата на Броудстоун Дефенсе која компанија ја промовира денеска.

Американската компанија од Вашингтон, САД, во Македонија ќе произведува муниција, огнено оружје, панцири и слично за потребите на Американската војска и НАТО земјите. Објектот треба да почне со градба до крајот на месецов, на земјиштето кое е со површина од 10 хектари. Ќе се изградат 5 хали за производство, а редовното производството треба да започне од јули 2017-та.

Се работи за сериозна компанија за која се ангажирани значајни лица и експерти од САД . Тоа го потврдува и присуството и ангажманот на американскиот генерал Џоунс кој по завршувањето на воената кариера вршеше значајни функции во политиката и бизнисот, потенира Груевски наведувајќи дека Џоунс бил советник за национална безбедност на Обама, а претходно ангажиран и во администрацијата на Џорџ Буш, како и во бордовите на компании како Boeing и Chevron.

Фабриката ќе обезбеди сигурност на нови 200 семејства и ова ќе биде исклучително важно за економскиот развој на регионот. Груевски пишува дека во Македонски Брод власта на ВМРО-ДПМНЕ успеала да ја зголеми вработеноста за над 60 отсто.

- Вака се сака Македонија, ова е реалниот живот и реалните потреби на граѓаните на кои нудиме решенија и проекти. Народот многу добро знае дека ние тоа што го ветуваме и го остваруваме, затоа што за разлика од нашите политички конкуренти имаме минато исполнето со проекти и дела. Секогаш кога нудиме нешто, кажуваме и како ќе го направиме. Тоа ни го дава кредибилитетот да направиме уште многу повеќе, напиша Груевски.

Груевски порачува дека веќе има најави и за други вложувања во регионот.