Македонија
26. јуни 2016 - 16:40

Бројките за смртност на новороденчиња не се вистинити, изнесувањето на медицинска документација и лични податоци е казниво дело

Трендот за смртност на новороденчиња се прави врз основа на едногодишна или повеќегодишна анализа а не од податоци за седум дена. Медицинската документација е јавна и професионална тајна и нејзиното изнесување во јавност е подлежно на санкции. Ова е ставот на лекарскиот колегиум од Клиниката за гинекологија и акушерство откако некои медиуми објавија дека за 6 месеци во оваа установа починале 82 бебиња. Велат дека тие се единствените во државата каде има одделение за интензивна неонатална нега и терапија. Кај нив доаѓаат најтешките случаи од државата – родилки кои никогаш не оделе на гинеколог а и такви кои и покрај предупредувањата за ризичната бременост не ги почитувале лекарските совети.

- Многу е лошо кога се вадат од контекст одредени бројки. Вие може на една крстосница да имате 20 сообраќајки во еден ден а потоа само една, а знаете дека тоа е фрекфентна крстосница. Во оваа установа доаѓаат најтешки случаи, изјави проф. д-р Драган Тантуровски, раководител на онколошко одделение во ГАК

- Работиме и со екстремно недоносени деца. Најзастапени се оние кои се под 27-ма односно под 25-та гестациска седмица, дури и 21 гестациска седмица. За жал смртноста се случува во семанаталниот период што значи во првата седмица од животот на детето што е огледало на условите во кои што се наоѓало кога било фетус односно било плод, изјави прим. др Снежана Јанчевска, раководител на оддел за интензивна нега.

Кој ја дал медицинската документација во јавноста, лекарите велат дека и оставаат на правната служба на клиниката да го истражи и правно да го расчисти случајот. Не знаат како е правена објавената статистика за смртност, но велат дека не кријат ништо. Посебно погоден беше др. Тантуровски кој повеќе од 30 години посветено работи во ГАК.

- Јас сум професионалец и 33 години сум тука и не кријам ништо. Незнам како се правени тие бројки, вели Тантуровски.

Според гинеколозите, најчестата причина за смртност кај новороденчињата е предвременото раѓање, нередовните контроли кај лекар и нетретирани инфекции кај мајката. . Според објавените статистички податоци, доенечката смртност од 13, 2 промили во 2004 е намалена на 8,5 во 2015 година. Лани на ГАК имало околу 5800 породувања.