Македонија
7. February 2018 - 16:47

Британскиот парламент бара Македонија да влезе во НАТО со или без решено прашање за името

Горниот дом на британскиот парламент бара итен прием на Македонија во НАТО.

Домот на лордовите, во извештајот ,,Велика Британија и иднината на Западен Балкан“, објавен на 10 јануари смета дека спорот за името повеќе не смее да биде пречка за македонското придружување кон Алијансата.

,,Владата треба да ги поддржува мерките за да и помогне на Македонија да се придружи во НАТО, со или без решение на прашањето за името‘‘, се вели во извештајот.

Во документот, подготвен од Одборот за меѓународни односи, што служи како патоказ за надворешната политика на британската влада се потенцира дека НАТО – интеграциите на Македонија и на Босна и Хецеговина се клучни за стабилноста на регионот.

,,Членството во НАТО и соработката би можеле да го подобрат мирот и стабилноста на регионот. Се согласуваме со континуираната поддршка на Владата за амбициите за членство на Босна и Херцеговина и Македонија. Под услов да ги исполнат условите за членство, нивното пристапување ќе биде добредојден чекор кон поголема стабилност во регионот‘‘, се наведува во текстот.

Во извештајот, заснован на резултатите од посетата на лордовите на земјава во септември месец, се напомнува дека Велика Британија годинава ќе биде домаќин на Самитот за Западен Балкан, што укажува на тоа дека Лондон има намера да воспостави поцврста основа на Балканот.

Заклучокот на британските парламентарци веднаш се најде на насловните страници на грчките медиуми, кои пишуваат дека Лондон ги охрабрува Атина и Скопје да најдат решение за името, за што нуди секаква можна практична помош. Но, тоа што загрижува е параграфот 43 во кој се наведува неопходноста од членство на Македонија во НАТО со или без решено името, наведуваат медиумите.

Притоа се коментира дека, иако генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг за време на посетата на Скопје, рекол дека за БЈРМ нема членство во НАТО без договор за името, Велика Британија, како моќна членка на Алијансата и една од 5-те постојани членки на Советот за безбедност може да побара Скопје да и се придружи на Алијансата со или без договор за името.