Свет
23. November 2016 - 14:33

Британскиот јавен долг достигна 1,6 билиони фунти

Долгот на Велика Британија изнесува 1,6 билиони фунти, што значи дека секој жител на земјата има долг од 25 илјади фунти, соопште денеска британското Министерство за финансии.

Соопштението доаѓа пред редовниот есенски извештај, што двапати годишно пред Парламентот и јавноста го поднесува министерот за финансии.

Во извештајот на актуелниот министер Филип Хамонд акцент се става врз тоа како да им се помогне на лугето кои живеат под просекот на државата и на ниско платените работници, а и тоа како да се преброди Брегзитот и излегувањето на Велика Британија од ЕУ.

Владата во Лондон е поделена околу тоа каков да биде Брегзитот и како да изгледаат идните односи со ЕУ.

Десницата во владејачката Конзервативна партија, како и антиевопските политичари, инсистираат за „тврд“ Брегзит и такви преговори со Брисел, што би значело дека Велика Британија ќе го напушти и заедничкиот пазар на ЕУ.

Британскиот и странскиот бизнис предупредува на последиците за инвестирањето во Велика Британија, доколку се остане на намерата за „тврд“ Брегзит, како и за последиците по населението.

Министерот Хамонд , кој важи за противник на „тврд“ Брегзит, пред денешната парламентарна седница, предупреди на „тешките предизвици“ за земјата и луѓето при напуштањето на ЕУ.

Намалувањето на долгот, штедењето на јавната потрошувачка и кратењето на буџетските трошоци, беше основата на која се потпираше економската политика на претходниот ториевски премиер Дејвид Камерон и неговиот министер за финансии Џорџ Озборн.

Велика Британија полесно ги надмина проблемите со кратењето на долгот од некои други земји од ЕУ и еврозоната, но сега дури и експерти блиски на конзервативците сугерираат дека ремените треба да се олабават, барем во некои сектори, и да им се помогне на луѓето, сега кога земјата излегува од Унијата.

Дел од експертите предвидуваат односот на британскиот долг со бруто домашниот производ да го достигне францускиот однос, што би било прв таков случај по 25 години.

Други експерти сметаат дека работите добро се одвиваат, затоа што првпат по 18 години, економскиот раст се движи побрзо од растот на долгот.