Свет
25. јуни 2016 - 15:30

Британскиот еврокомесар Џонатан Хил поднесе оставка

Претставникот на Велика Британија во Европската комисија, Џонатан Хил, кој е одговорен за финансиската стабилност, услуги и капиталните пазари, денеска објави дека поднесува оставка по референдумот во неговата земја за напуштање на ЕУ.

- Сметам дека не во ред да продолжам да бидам британски еврокомесар, како ништо да не се случило. Затоа го информирав претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер дека се повлекувам, истакна Хил, кој агитираше против Брегзит.

Тој истакна дека „е неопходно да има надлежно предавање на одговорностите“ и најави дека ќе работи заедно со Јункер тоа да се случи во следните неколку седмици.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Јункер во своето соопштение истакна дека тој ја прифаќа оставката „со жалење“.

- На почетокот на мандатот на оваа Комисија сакав британски комесар да биде на чело на финансиските услуги, како знак на моја доверба во членството на Британија во Европската унија. На мое големо жалење, оваа ситуација сега се менува, но работата на Европската унија мора да продолжи, истакна Јункер.

Претседателот на ЕК одлучи на местото на Хил да биде именуван Валдис Домбровскис, латвиски потпретседател на ЕК, што досега беше одговорен за еврото.

Во образложението за својата оставка Хил нагласи дека дошол во Брисел „како некој кој водел кампања против тоа за Британија да се приклучи на еврото“ и дека тој бил скептичен во врска со Европа.

- И покрај сите фрустрации, заминувам со убедување дека членството во Унијата беше добро за нашето место во светот и добро за нашата економија. Но, она што е направено не може да се врати и сега ние треба да продолжиме со создавање на нови односи со Европа и истите колку што е можно да функционираат, посочи сега веќе поранешниот еврокомесар.

Инаку, Џонатан Хил се најде под зголемен притисок од Европскиот парламент да се откаже од својата позиција во пресрет на одлуката на Велика Британија да излезе од ЕУ. Неговата работа како еврокомесар за финансиски услуги е од суштинско значење, благодарение на улогата на градот Лондон како финансиски центар на ЕУ - нешто што не може да биде случај кога Велика Британија ќе си замине.

Хил, кој е долгогодишен конзервативен политичар и поранешен лидер на британскиот Дом на лордовите, беше назначен за еврокомесар во 2014 година.