Џет-Сет
7. August 2017 - 15:03

Британската манекенка киднапирана во Милано вратена од Италија

Британската манекенка Клои Ејлинг (20), која минатиот месец беше грабната во Милано за да биде продадена на „црниот пазар“ на луѓе, се врати од Италија, дома во Лондон.

На 11 јули младата Ејлинг која во Милано престојувала за една фото-сесија била грабната од двајца мажи, дрогирана и насилно одвлечена.

Според нејзиното објаснување, со лисици на рацете и сместена во голем куфер, таа се освестила во багажникот на некој автомобил со кој била одведена во за неа непознат правец.

- Очекував во секој момент да ме убијат, им изјави Клои на британските весници.

Италијанската полиција, која покрена истрага за целиот случај, соопшти дека младата Британка била одведена во местото Борџијал северозападно од Торино, каде била чувана како постојано врзана и дрогирана.

Нејзините грабнувачи се обидувале убавата млада жена да ја продадат на интернет за 300 илјади долари или толкава откупнина барале да плати нејзниниот менаџер.

Полицијата во меѓувреме успеала да најде еден од грабнувачите, полскиот државјанин Лукаш Херба, кој сега е во затвор.

Весниците во Лондон му даваат голем публицитет на целиот случај, тврдејќи дека зад киднапирањето стои групата „Црна Смрт“.

Според лондонски „Тајмс“, мислењата за оваа група од криминалното подземје, се крајно поделени.

За едни, станува збор за една од најопсните криминални банди во светот, други пак сметаат дека таа е плод на „изопачената фантазија на луѓето кои не ја креваат главата од тастатурата на компјутерот“, пишува овој весник.