Свет
25. April 2017 - 11:48

Британската Иранка останува во затвор во Техеран осудена за „заговор“ против владата

Британката Назанин Захари-Ратклиф (38) која е мажена за Британец и има британско државјанство, ја загуби и последната можност да биде ослободена од затвор, откако Врховниот суд на Иран ја одби нејзината жалба на контроверзната пресуда.

Тоа значи дека таа ќе остане во затвор во Техеран, се до евентуалната одлука за помилување или за протерување

Захари-Ратклиф е уапсена во април минатата година, на аеродромот во Техеран, кога заедно со двегодишната ќерка сакала да отпатува од Иран за Британија, по поминатиот одмор кај нејзните ирански родители.
На судењето, на кое според нејзиниот адвокат и објаснувањето на сопругот, обвинувањето не било обелоденето, таа е осудена на пет години затвор.

Единствено што досега е познато, тоа е соопштението на официјалната иранска новинска агенција, која во веста за нејзиното судење објави дека Назанин Захари била обвинета и осудена, затоа што „работела на уривањето на иранската влада на мирен начин“.

Според нејзиниот сопруг, Ричард Ратклиф, по апсењето Захари била изведена на две тајни судења, но дека и понатаму тие се уште немаат прецизни детали за што навистина таа е обвинета и за што е виновна.

Нејзината ќерка од бракот со Ратклиф е задржана во Иран и се наоѓа со родителите на осудената Захари, откако полицијата го задржала кај себе пасошот на двегодишното девојче.

Во меѓувреме, британскиот Форин Офис во нота до иранското Министерство за надворешни работи, има изразено загриженост за целиот случај и за задржувањето и осудувањето на Назанин Захари.