Свет
24. November 2016 - 8:51

Британија со намален раст и зголемен долг ќе ги почне преговорите за Брегзит

Британската економија ќе ги почне преговорите за напуштање на Европската унија со намален економски раст и со значително зголемување на долгот, покажува извештајот за состојбата во земјата, што беше презентиран во Парламентот.

И покрај ваквите заклучоци на Бирото за одговорност кон буџетот, од владата уверуваат дека британската економија ќе биде подготвена и ќе може да ги издржи предизвиците што со себе ќе ги донесе Брегзит.

Во 2017 година, кога е најавено почнување на преговорите со ЕУ за излегување од Унијата, се предвидува намалување на растот на 1,4 отсто, што е помалку од прогнозите изнесени во март годинава.

Од почетокот на идната година, па во следните пет, предвидено е зголемување на долгот на државата за нови 122 милијарди фунти, од кои безмалу 60 милијарди ќе се наменат, директно за Брегзит.

Прогнозите за цената од излегувањето од ЕУ и за состојбите што Брегзит ќе ги донесе за британската економија, ги поделија политиките партии во земјата.

Антиевропските политичари и сите кои агитираа за напуштање на ЕУ сметаат дека прогнозите се „премногу црни“.

УКИП, партијата која ја започна кампањата за Брегзит, тврди дека високата цена што претстои да се плати е последица на „одолговлекувањето“ со излегувањето на Британија од Унијата.

Опозициските лабуристи, меѓутоа, ја обвинуваат Владата на премиерот Тереза Меј дека е неподготвена за Брегзит, дека е „лошо екипирана“ за целиот овој процес, како и дека нема визија за тоа каква ќе биде иднината на земјата и на нејзината економија.

Партиите кои беа за останување на Британија во ЕУ, сега укажуваат на тешките последици и незивесноста за „обичните луше“ за тоа што ќе донесе Брегзит.

Министерот за финансии, Филип Хамонд кој ги презентираше во Долниот дом, економските прогнози и состојбите со буџетот, претходно изјави дека Британците треба да знаат за „тешките предизвици“, со кои ќе се соочуваат во текот на излегувањето од ЕУ.

Владата најавува низа мерки за одржување на „кондицијата“ на економијата и за помагање на луѓето, со зголемување на цената на еден час работа на 7,5 фунти, со откажување од планираното зголемување на таксата за гориво и со интервеции во социјалната сфера.