Македонија
22. February 2017 - 16:40

Британија ќе ја поддржи секоја влада која ќе работи на битни реформи и транспарентност

Британија ќе ја поддржи секоја влада која ќе работи на битни реформи и транспарентност- со ваква порака во дводневна посета на земјава доаѓа британскиот министер за Европа и Америка Алан Данкан. На својот блог пред пристигнувањето Данкан порача дека доаѓа во земјава во клучен момент за да ги слушне лидерите на сите парламентарни политички партии.

„Знам дека вашите неодамнешни избори беа без јасно решение. Во ниту еден случај Британија нема да се меша во она што се ваши внатрешни прашања а не наши. Доаѓам во Македонија за да ги слушнам лидерите на сите политички партии и да испратам една јасна и едноставна порака - Обединетото кралство е голем пријател на Македонија и ќе продолжиме да ја поддржуваме секоја влада која ќе работи на битни реформи“, пишува Данкан.

Британскиот министер ќе посочи дека патот кон НАТО и ЕУ за Макеоднија е основа за стабилноста, безбедноста и просперитетот.

„За надминување на пречките за членство ќе треба одлучност, политичка решеност и несомнено некои тешки одлуки. Политичарите во Македонија ќе треба да ги надминат разликите кои ја создадоа актуелната политичка криза и да се посветат на демократијата и потребните реформи за да ја повлечат земјата кон напредок“, пишува Данкан.

Данкан според извори од британската амбасада во Скопје нема да донесе некакви пораки во насока на надминување на актуелната криза но ќе посочи дека за Македонија е важно што поскоро да се придвижи кон реформската агенда. Продолжувањето на кризата ја зголемува и неизвесноста за тоа во која насока ќе се движи земјата. Данкан нема да сугерира што партиите треба да направат во делот на преговорите за состав на идната влада.

Во рамки на својата посета тој ќе се сретне и со шефот на државата Иванов, премиерот Димитриев, шефот на дипломатијата Попоски и дел од организациите од невладиниот сектор.

Во соопштението од амбасадата во Скопје се посочува дека посетата на Данкан ја нагласува посветеноста на Британија да биде активен поддржувач на Западниот Балкан. Иако земјата е фокусирана на брегзит и самиот Данкан пишува дека Обединетото Кралство ја напушта Европската Унија но не и Европа па посветеноста на овој регион ќе остане цврста.

Британскиот министер денеска е во Подгорица каде се среќава со тамошниот државен врв.