Македонија
17. August 2017 - 8:53

Брисел бара политички договор во Северна Ирска пред преговорите за границата со Ирска по Брегзит

Европската комисија соопшти дека мора да се постигне политички договор во Северна Ирска за заштита на спогодбата од Велики петок, од април 1998 година, пред да почнат разговорите за техничките прашања за границата меѓу Северот и Југот на ирскиот остров, во рамките на преговорите меѓу Брисел и Лондон за Брегзит.

Соопштението на Европската комисија претставува реакција на Брисел, на објавениот документ на британската влада, за тоа како ќе функционра границата меѓу Северна Ирска и Република Ирска, откако Британија ке излезе од ЕУ.

Околу 500 километри долгата граница, после март 2019 година, ќе биде единствената копнена граница меѓу ЕУ, чија членка е Ирска и Велика Британија, на која и припаѓа Северна Ирска.

Во документот на владата во Лондон се вели дека станува збор за „решение без преседан“ во пограничните работи, со единствена цел- да нема „цврста“ граница меѓу двата дела на ирскиот остров.

Тоа значи дека нема да има физичка, гранична инфраструктура, како што се контролните царински пунктови. На оваа гранична линија со 300 точки за преминување, нема да се постават ниту телевизиски безбедносни камери, а нема да се контролираат ниту регистарските таблички на возилата.

Британската влада во објавениот документ нуди посебно решение и за бизнсот, уверувајќи дека малите и средните бизниси во Северна Ирска ќе бидат целосно ослободени од царински давачки.

Шефот на преговарачкиот тим за Брегзит на ЕУ, Мишел Барние побара од сите страни во Северна Ирска дека сега мора да обезбедат согласност околу овие состојби, пред Брисел и Лондон да разговараат за границата , во рамите на процесот за Брегзит.

Владата во Лондон ја уверува ЕУ дека таков договор во Северна Ирска ќе биде направен, додека премиерот Тереза Меј им ветува на северноирските националисти-католици дека и по Брегзит остануваат во сила специјалните врски на Британија и Ирска, како и тоа дека нема да биде поткопан историскиот мировен процес.