Свет
17. November 2015 - 13:54

Бремена жена виси од прозор додека терористите убиваат се пред себе

Едно од најморничавите видеа од терористичкиот напад во Париз е она што од својот стан го снимил новинарот на Ле монд Дениел Псени, кој живее во улицата зад салата Батаклон. Додека звучната заднина на видеото е панично врескање, на него се гледаат голем број ранети луѓе и неколкумина што по падот од вториот кат останале неподвижно да лежат. Додека голем број сведоци го напуштаат местото на нападот, некои од нив влечат и ранети пријатели, кои зад себе оставаат крвави траги. Во прв план е една жена што виси од прозорец на вториот кат на театарот.
 
Бремената девојка ја спасило момче познато само како Себастијан, кој најверојатно ја спасил во последен момент. Падот од вториот кат најверојатно ќе бил смртоносен. И жената и нероденото дете го преживеале нападот, а нејзините пријатели преку социјалните мрежи му се обраќаат на непознатиот херој и му се заблагодаруваат, пишува Дејли мејл.
 
Себастијан, кој не сака да го открие целото име, кажал дека и самиот сакал преку прозорецот да избега од зградата кога ја видел жената што барала помош бидејќи е бремена.
 
„Ги молеше луѓето долу да ја фатат кога ќе скокне. Меѓутоа, долу беше хаос, а ние бевме 15-тина метри над улицата“, кажал тој.
 
„Бремената жена ме замоли да ја вратам назад внатре. Тоа и го направив. Не знам каде замина таа потоа, но јас се вратив на своето старо место, кое баш и не беше најдобро за криење. Пет минути подоцна слушнав калашњиков и терорист што вика: „Слези долу, легнувај на земја““, раскажал Себастијан.
 
Тој се присетил и како почнало сѐ. И тој, како и останатите, кога ги слушнале истрелите, помислиле дека сѐ е дел од настапот. Но набрзо се уверил дека станува збор за терористички напад.
 
„Пејачот си замина, светлата се изгасија, а тогаш видов двајца или тројца мажи вооружени со калашњикови. Сите легнаа на земја. Човекот до мене доби куршум во главата. Ползев преку мртви тела и ранети луѓе, облеката ми беше натопена со крв. Го искористив моментот кога еден терорист ја репетираше пушката и избегав зад бината. Се качив на горниот кат и се најдов на балконот на концертната сала. Тогаш отидов накај прозорецот и ја здогледав жената која висеше“, раскажал Себастијан.
 
Откако се вратил внатре, Себастијан се криел со 15-тина луѓе и слушал како терористите убиваат сѐ што се движи. Потоа му пришле, мислел дека ќе го убијат, но тие му кажале да им се јави на новинарите, и од некоја причина пред него запалиле педесет евра.
 
Иако терористите ги ставиле како жив ѕид кај вратите, заканувајќи се дека на секои пет минути ќе убиваат по еден од нив, силите за безбедност сепак влегоа во театарот и ги совладаа терористите.