Македонија
21. May 2017 - 13:18

Бони и Клајд од Тетово оперирале во Скопје, полицијата трага по девојката

СВР Скопје поднесе кривична пријава против лицето Н.Ш. (32) од Тетово поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „разбојништво“ предвидено и казниво по член 237 од Кривичниот законик на Република Македонија. 
 
Пријавениот го извршил делото заедно со уште едно непознато женско лице. На 04.06.2016 година на ул. „Методија Митевски“ околу 17.00 часот непознатото лице отишло во станот на оштетениот под изговор дека ја испратил негов пријател за да и најде стан под кирија. Се задржала околу 15 минути и си заминала.
 
Подоцна, околу 23.00 часот истата се вратила во станот под изговор дека нема каде да преспие, додека пријавениот Н.Ш. останал во ходникот од зградата да ја чека. По кратко време непознатото женско лице ја отклучила влезната врата и телефонски го повикала пријавениот да влезе во станот. Откако влегол пријавениот, женското лице го удрила оштетениот во пределот на лицето, го соборила на подот и со помош од пријавениот го покрила со ќебе. После тоа продолжила да го држи оштетениот. Во меѓувреме, пријавениот извршил претурање и пребарување по мебелот од дневната соба од каде одзел еден пиштол марка „Бровинг“ калибар 7.65 м.м. во кој имало рамка со три куршуми и пари. После тоа двајцата го напуштиле станот.
 
Увидна екипа на СВР Скопје извршила увид на местото на настанот, по што по наредба на Јавен обвинител извршено е вештачење на траги најдени на местото на настанот. 
 
На 11.овој месец од страна на полициски службеници од СВР Тетово лицето Н.Ш. е лишено од слобода и е предадено на полициски службеници во ПС ОН „Бит Пазар“ каде е извршен службен разговор во кој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело.
 
Секторот за внатрешни работи Скопје и панатаму презема мерки и дејствија за откривање на непознатото женско лице. По нејзино откривање ќе следи соодветен поднесок.