Балкан
22. February 2018 - 16:16

Бомбашки напад врз амбасадата на САД во Подгорица - бомбашот се самоуби

Црногорската полицијата соопшти дека 43-годишниот Далибор Јауковиќ, роден во Краљево, а кој живеел во Подгорица е мажот кој синоќа половина час по полноќ  ја фрлил бомбата во дворот на американската амбасада  во Подгорица, а потоа со друга експлозивна направа се самоуби. Според  властите најверојатно станува збор за бомба кашикара’. Неговото тело е пронајдено на 30 метри од  дипломатското претставништво. Во инцидентот нема повредени лица ,а не е оштетен објектот, бидејќи бомбата најверојатно експлодирала во воздух.  

На Фејсбук профилот  на  Јауковиќ  може да  се види дека тој е награден со медал за заслуги „во областа на одбраната и безбедноста“ на тогашна Сојузна република Југославија во 1999 година, односно во времето на косовскиот судир со указ на  претседателот  Слободан Милошевиќ.Тој не бил оженет, живеел сиромашно  и бил без работа.Јауковиќ бил  противник на влезот на Црна Гора во НАТО.

Потсекретарот на Стејт департментот, Стив Голдстин изјави дека очевидци виделе човек како фрла објект преку ѕидот на амбасадата, и оти никој во дипломатската мисија не е повреден.Голдстин додал дека безбедносните функционери на амбасадата го пребарале теренот и  не нашле други експлозивни направи. Тој не знае кој е мотивот и дали станува збор за намерен самоубиствен напад.

Амбасадата  на својата интернет-страница објави дека „постои активна безбедносна ситуација и ги предупреди граѓаните да го избегнуваат реонот.  Истрагата за инцидентот е во тек.