Македонија
18. October 2017 - 18:52

Бочварски вети повеќе проекти за штипската населба Сењак

Кандидатот за градоначалник на Штип од СДСМ Благој Бочварски денеска на прес-конференција најави дека како нова локална власт ќе отворат дисперзирана канцеларија на Општина Штип во населбата Сењак, каде што гравитираат и жителите од останатите поголеми штипски населби.

- Оваа населба треба да прерасне во голем центар со сите содржини, а и да го растеретиме центарот и за Сењак да добие поголема тежина во нашиот град. Сакам да најавам дека ќе има дисперзирано одделение на Општина Штип, овде во населба Сењак, каде што граѓаните од овој дел од градот и населбите Баби, Караорман и Дузлак ќе може да дојдат овде, да го извадат секој потребен документ што може да го извадат и во Општина Штип, рече Бочварски.

Вети и изградба на нова градинка, реконструкција на сите тротоари, но и на крстосницата во населбата Сењак, која е една од најфреквентните, а исто така ќе се постави и подбро улично осветлување на повеќе улици, како и во училишниот двор на основното училиште „Димитар Влахов“. Во однос на комуналната хигиена, Бочварски додаде дека ќе бидат поставени контејнери и канти за отпадоци на повеќе места во населбата Сењак.