Бизнис
19. August 2017 - 14:52

Бочварски: Наскоро сите работници со загаранитрана минимална плата од 12.000 денари

Пречките и блокадите во Собранието се отстрануваат и наскоро сите работници ќе имаат законски загарантирана минимална плата од 12.000 денари, најави денеска потпретседателот на СДСМ  Благој Бочварски.

- Тоа ќе важи и за илјадници вработени во индустријата за текстил, кожа и обувки кои повеќе нема да бидат дискриминирани и да земаат минимална плата од 9.000 денари, како што е случај сега. Оваа мерка е усогласена со работодавачите и е поддржана од синдикатите, а Владата преку средства од Буџетот ќе им помогне на претпријатијата да ја исплаќаат законски предвидената минимална плата, рече Бочварски на денешната партиска прес-конференција.

Тој нагласи дека освен поголема минимална плата и воедначување на минималната плата во сите стопански гранки, Владата предводена од СДСМ ги зголемува пензиите и ги усогласува со трошоците за живот.

- Претходната влада, предводена од ВМРО ДПМНЕ, при носењето на Буџетот за 2017 година немала предвидено никакво покачување на пензиите. Со донесувањето на ребалансот на Буџетот за 2017 година од страна на парламентарното мнозинство и актуелната Влада, обезбедени се средства за усогласување и исплата на пензиите до крајот на 2017 година. Оваа година, пензионерите ќе добијат дополнителни, над 2.000 денари на досегашната пензија, за разлика од минатогодишните 600 денари што ги издвои владата на ВМРО-ДПМНЕ, потенцира Бочварски.