Македонија
11. September 2015 - 8:37

Битолскиот театар премиерно ќе ја изведе „Тајното оружје“

Битолскиот театар вечер премиерно ќе ја изведе  претставата „Тајното оружје“ од Братислав Димитров во режија на Ненад Витанов.
 
- Во претставата говориме за хаосот што во моментов се случува во светот, за хаос гледан низ очите на обични луѓе кои живеат во нашето маало и како тие би го решиле проблемот кога тоа би требало да го направат. Таа ситуација на глобално завршува сурово и крваво, додека тука кај нас завршува со поентата дека тајното оружје е во секој од нас и дека тоа што можеме да го направиме е секогаш во тоа што ќе го замислиме. Оваа претстава е со многу енергија и со порака дека во овој глобален свет можеме да се спротивставуваме само со добра мисла и идеја, а се останато е теорија на заговор, истакна режисерот Витанов на прес-конференција во пресрет на премиерата.
 
Оваа постановка му е трета режија на Витанов во НУ Народен театар-Битола, а драматургот Братислав Димитров вторпат со свој текст  учествува на сцената на театарот во Битола. 
 
Во актерската екипа се: Филип Мирчевски, Никола Тодоровски, Борис Чоревски, Никола Пројчевски, Јулијана Стефанова, Илина Чоревска и Сандра Грибовска.
 
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата е на Благој Мицевски, а првпат со Битолскиот театар како композитор соработува поп-пејачот Димитар Андоновски. Тој на средбата со новинарите истакна дека музиката во претставата е испреплетување на повеќе жанрови и придонесува за дополнителен квалитет.