Македонија
20. July 2017 - 12:32

Битолскиот театар ја подготвува „Сон на летната ноќ“

Ансамблот на Народниот театар-Битола ја подготвува претставата „Сон на летната ноќ“ од Шекспир во режија на гостинот од Калифорнија, Џон Блондел.

Од Битолскиот театар информираат дека станува збор за осма премиерна претстава во 2017 година која на 31 јули ќе биде одиграна на матичната сцена, а на 5 август, премиерно на Меѓународниот фестивал „Охридско лето“.

Во претставата ќе настапат актерите Петар Горко, Илина Чоревска, Никола Пројчевски, Марјан Ѓорѓиевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Маја Андоновска, Слободан Степановски, Александар Стефановски, Огнен Дранговски, Катерина Аневска, Петар Спировски, Соња Михајлова, Јулијана Мирчевска, Валентина Грамосли, Менка Бојаџиева, Јулијана Стефановска и Елена Моше.

Битолскиот театар информира дека со оваа претстава ќе биде зголемен досегашниот број од 112 одиграни претстави во првите шест месеци од годинава кои ги гледале 11.915 гледачи.

Претставата „Сонот на летната ноќ“ во Битолскиот театар првпат ја режирал Слободан Унковски на 17 јули во 1984 година, а премиерата била изведена во Охрид.