Бизнис
12. December 2017 - 20:02

Битолчани бараат евтина струја преку цел ден

Жителите на Битола, Новаци и Могила да плаќаат субвенционирана тарифа на електричната енергија поради штетните влијанија врз здравјето на луѓето од работењето на термоелектраната РЕК Битола ќе побараат неколкумина битолчани кои работат на изготвување на предлог иницијатива. Преку Фејсбук група, тие бараат од граѓаните поддршка за изработка на документот кој ќе го достават до надлежните институции и странски претставници во земјава.

Иницијаторите се обратиле до сите засегнати компании и институции со барања за добивање на информации што би значело воведувањето на субвенционирана тарифа за жителите на Битола, Новаци и Могила. Тимот кој работи на иницијативата има намера да ги пресмета и финансиските импликации од евентуалното воведување на таква тарифа.

Иницијативата за субвенционирана тарифа за Битола, Новаци и Могила доаѓа во моменти кога Владата го презентира новиот Закон за енергетика, според кој ќе биде загарантирано правото на избор на граѓаните да купуваат електрична енергија и природен гас по сопствен избор од кој било снабдувач.