Свет
22. February 2018 - 9:49

„Билд“ изложен на критики по скандал со лажни вести

Најчитаниот дневен весник во Германија „Билд“ се најде во центарот на скандал откако објави електронски писма, според кои руски државјанин се обидувал да влијае на германската политика. Скандалот се разгоре откако весникот „Титаник“ соопшти дека објавените имејли се целосно лажни.

Во петокот, „Билд“ на насловната страна ја објави веста за „нечесна игра“ во Германската социјал-демократска партија. Таблоидот соопшти дека добил пристап до писма, испратени по електронска пошта, според кои Кевин Курнет, претседателот на подмладокот на германските социјалдемократи и водач на фракцијата која е против голема коалиција со конзервативците на Ангела Меркел добил предлог за помош од Русин по име Јуриј. Според објавеното, Јуриј предложил да организира интернет кампања против формирањето „голема коалиција“, на што Курнет одговорил дека би ја ценел помошта. На крајот на написот „Билд“ пишува дека не располага со докази за автентичноста на електронските писма.

Портпаролот на Курнет демантираше дека лидерот на подмладокот го напишал тоа писмо, а партијата најави тужба против весникот.

Германското сатирично списание „Титаник“ вчера откри дека од почеток до крај ги измислило електронските писма предадени на „Билд“.

- Анонимно електронско писмо, две-три јавувања и „Билд“ ќе отпечати се што одговара на неговата агенда, изјави еден од уредниците на „Титаник“ Мориц Хуртген.