Свет
23. March 2017 - 23:53

Бил Клинтон и ирскиот премиер и претседател на погребот на Мартин Мекгинис

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон и актулениот претседател на Ирска Мајкл Хигинс и ирскиот премиер Енда Кени, присуствуваа денеска во градот Дери, во Северна Ирска, на погребот на доскорешниот заменик прв министер Мартин Мекгинис.

Тој почина во вторникот, на 66-годишна возраст, од, како што соопштија лекарите, ретка болест на срцето.

Клинтон како претседател на САД, беше главниот помагач во тешките преговори меѓу северноирските протестанти-унионисти и католиците-републиканци, за постигнување траен мир во оваа британска покраина на ирскиот остров.

Во преговорите во кои директно беа вклучени и тогашниот британски премиер Тони Блер и неговиот ирски колега Берти Ахерн, починатиот Мекгинис ја имаше улогата на главниот преговарач на републиканците од Шин Феин, познато во минатото како политичко крило на ИРА.

Преговорите беа успешно завршени со потпишување на мировниот договор од Велики петок од април 1998 година, кој подоцна беше унапреден и надграден со договорот за поделба на власта во Северна Ирска, меѓу дотогаш непомирливите противници- политичарите од Демократската унионистичка партија (ДУП) и републиканците од сеирската партија Шин Феин.

Мартин Мекгинис и во оваа фаза ја имаше важната улога за посттигнување компромис, што и му помогна да седи во една иста влада на протестанти и католици и да ја дели власта со некогаш најтврдиот унионист Ијан Пејсли, што и му обезбеди позиција на миротворец, и покрај борбеното минато, како еден од командантите на ИРА.

Американската администрација на Клинтон, во првите години од договорот од Велики петок, помогаше многу за одржувањето на мирот и за стабилизација на Северна Ирска низ процесот на помирување на жителите на оваа длабоко разделена покраина.

Клинтон денеска беше поздравен со аплауз на црковната миса за Мекгинис, но со аплауз беше поздравена и лидерот на ДУП Арлен Филипс со која починатиот работеше во владата во Белфаст.

Говорниците на мисата го означија присуството на погребот на низа политичари од „другата, противничка страна“ како потврда за исплативоста на трудот на Мартин Мекгинис за помирување на Северноирците, иако и неговиот ковчег, како и на сите републиканци, беше покриен со знамето на Република Ирска.