Свет
24. September 2017 - 21:41

Би-Би-Си: Петмина политичари на кои географијата не им е посилната страна

 

Американскиот претседател Доналд Трамп, би можел да се нарече и истражувач, затоа што на светот му претстави нова држава - Намбија. 

Трамп можеби мислел да југозападната африканска држава Намибија, но дефинитивно кажа Намбија. Вториот пат тоа дури го напиша и на Твитер, објави Би-Би-Си.

Сепак, тој не е единствениот политичар кој не владее добро географија.

Минатата година, во еден говор пред група конзервативци, британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон зборуваше за Африка како за држава.

- Очекуваниот животен век во Африка вџашувачки се зголеми откако таа држава стана дел од глобалниот економски систем, рече тогаш Џонсон. Би-Би-Си потсетува дека Африка е континент составен од 55 држави.

Во 2007 година, тогашниот американски претседател Џорџ Буш ги помеша Австрија и Австралија. На средбата со тогашниот австралиски премиер Џон Хауард, Буш зборуваше за „австриските трупи во Ирак“. Австрија нема војска во Ирак, а Хауард ги посети австралиските сили во Ирак.

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони во 2004 година направи слична грешка, и ги побрка Словенија и Словачка. За време на заедничката прес-конференција со тогашниот словенечки премиер Антон Роп, Берлускони рече дека е многу среќен „што е тука со премиерот на Словачка“.

Овие две земји ги мешаше и Буш, а колку збрка создаваа Словенија и Словачка зборува и фактот дека некогаш дипломати се сретнувале еднаш месечно за да си ги разменат пораките кои отишле на погрешна адреса.

И на крајот, полскиот министер за надворешни работи Витолд Вашчиковски, кој, исто така, „измисли држава“. Тој на почетокот на оваа година, по средба на Советот за безбедност на ОН, изјави дека се сретнал со функционери од речиси 20 земји, вклучувајќи некои земји од Карибите, ...„првпат во историјата на нашата дипломатија како што се Белизе и Сан Ескобар“. Полското МНР после објаснуваше дека министерот го згрешил името, а мислел на државите Сент Китс и Невис, кои на шпански се викаат „Сан Кристобал и Невис“. Сепак, појаснувањето не беше доволно за да спречи корисниците на социјалните мрежи масовно да го исмејуваат за овој лапсус.