Фудбал
24. March 2016 - 17:09

Без Трајковски против Бугарија

Македонската најдобра репрезентација после поразот со 1-0 од Словенија се соочува со дополнителни проблеми со повредени играчи во пресрет на вториот контролен натпревар против Бугарија следниот вторник во Скопје.
После заеднички договор помеѓу селекторот на Македонија и стручниот штаб на Палермо, одлучено е предвреме во својот клуб да се врати Александар Трајковски, што значи дека нема да настапи во вторник. Освен него, под знак прашалник за настап се и Пандев, Тричковски и Жута. Горан Пандев беше заменет на полувремето поради добиен удар во главата, поради што е поштеден од денешниот тренинг. Иван Тричковски има контузија на градниот кош, а Леонард Жута дисторзија на скочниот зглоб. За сите тројца во наредните денови ќе се донесе одлука дали ќе бидат достапни за натпреварот против Бугарија. Стручниот штаб на националниот тим дополнително ќе реши дали ќе повика некој друг фудбалер.
 
Македонија денеска имаше тренинг во Словенија, а попладне националниот тим се враќа во Македонија, каде што ќе се подготвува до мечот со бугарите. 
Натпреварот Македонија-Бугарија се игра во вторник, 29.март.2016 на националната aрена “Филип Втори” во Скопје, со почеток од 19:00 часот.