Бизнис
12. April 2016 - 9:37

Без договор завршија преговорите меѓу Грција и кредиторите

Ноќеска, по полноќ, без договор завршија преговорите меѓу Грција и нејзините кредитори, чии претставници си заминуваат од Атина. Тие , меѓутоа, повторно ќе се вратат на 18 април за да ги продолжат консултациите за мерките за штедење, што ги разгледуваат со Владата на Ципрас.

Продолжението на преговорите е закажано пред решавачката средба на Еврогрупата, на 22 април, во Амстердам, која треба таа да се произнесе за следните транши од заемите за Грција, во рамки на третата спасувачка програма за финансиска помош за земјата, информира грчкиот весник Њуз.ин.

Преговорите не го донесоа очекуваниот исчекор и не доведоа до спогодба.

Претставиници на грчката Влада денеска заминуваат за Вашингтон, каде на 16 и 17 април ќе се направи обид, доколку нема нова пречка, да се надминат разликите меѓу Европската комисија и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за тоа дали е неопходно преструктурирање на грчкиот долг.

Грчкиот министер за финансии Евклидис Цакалотос изјави дека преговорите биле прекинати заради учеството на владината економеска екипа на претстојната средба со ММФ и Светската банка во Вашингтон и дека на нив двете страни се согласиле дека е постигнат неопходниот напредок по клучните прашања, за да се дојде до спогодба.

Грција се надеваше дека до деновите од викендот ќе ги заврши преговорите со европските кредитори и Меѓународниот монетарен фонд. Серијата средби со нив, меѓутоа, не донесоа резултат. Главни спорни точки се барањата од Атина за пензиска и даночна реформа.

Грција од 2010 година  зависи од спасувачките заеми, а минатото лето ја потпиша новата, трета спасувачка спогодба во вредност од 86 милијарди евра.

На 4 април претставниците на кредиторите почнаа нови преговори со цел да се направи проценка на напредокот на Грција за обврските што произлегуваат од спасувачката програма.

Кредиторите и грчките претставници не можат да се договорат за мерките кои Атина треба да ги исполни, за да заштеди 5,4 милијарди евра, и да добие пристап до следната транша од меѓународната финансиска помош.