Македонија
22. March 2018 - 16:22

Бесен струмичанец со секира ги искршил сите слот апарати во казино во градот

Влегол со секира и направил хаос во казино во Струмица. Бесен струмичанец  синоќа кршел слот апарати и рулети во казино во центарот на градот.

  Оштетени се педесетина  апарати за игри на среќа и два рулети при што е направена голема материјална штета. За настанот сведочи и видео снимка која од синоќа кружи по социјалните мрежи , но конкретни информации за причината поради која биле искршени апаратите засега нема.

Се претпоставува дека сторителот претходно играл во касиното и изгубил пари по што неговото  незадоволство го истурил врз апаратите. Од полицијата го потврдија настанот  и информираа дека се работи на негово целосно расчистување и документирање.

- На 21.03.2018 година околу 17,45 часот  во секторот за внатрешни работи Струмица пријавено е дека А.В. 49 годишен  од с.Василево-струмичко со секира влегол во казино на улицата „Маршал Тито“ и оштетил 45 апарати за игра на среќа и два рулета, причинувајќи материјална штета од околу 1.500.000 денари. Од страна на полициски службеници лицето е лишено од слобода и задржано во просториите на полициската станица од општа надлежност во Струмица. По целосното расчистување и документирање на случајот против истото  ќе биде поднесен соодветен поднесок, вели Хризантема Рендевска – портпарол на СВР Струмица.

Сите искршени апарати доцна синоќа се повлечени од казиното .  Објектот  кој се наоѓа улицата Маршал Тито во самиот центар на Струмица од денеска повтоерно е отворен за работа, но во него немаше никој кој сака  да зборува за настанот  и да објасни што конкретно се случувало и поради што дошло до демолирање на апаратие и рулетите.