Македонија
26. May 2016 - 15:56

Беровски ученици од угостителско-туристичката насока на практична настава во центри во Италија

Учениците од ОСУ „Ацо Русковски“ Берово од угостителско - туристичката насока ќе ги надоградуваат своите вештини и знаења со практична настава во центри во Италија, како дел од Програмата Еразмус плус и прифатената апликација од училиштето, со цел стручно образование и обука и мобилност на учениците.
 
Вредноста на грантот е во вкупен износ од 75.036,00 евра во денарска противвредност, а како што потенцираше за МИА директорот на среднишколскиот училишен центар, Гоце Џавлевски, на учениците  ќе им биде овозможено да патуваат два пати годишно по 15 дена во Италија.
 
- Засега е предвидено да бидат две групи од по 16 ученици кои ќе учествуваат во оваа образовна програма. Во рамки на програмата, учениците ќе ги зголемат своите знаења и вештини, ќе имаат можност за размена на искуства, а ќе им помогне во идната професија и во вработувањето. За самото училиште, оваа програма ќе придонесе за издигнување на стручната насока на повисоко ниво, рече Џавлевски.
 
Првата група од 16 ученици ќе заминат за Италија на стартот на идната учебна година, додека втората група,  во второто полугодие. Инаку, во беровскиот средношколски училишен центар во моментов околу 90 ученици посетуваат настава во угостителско-туристичката насока.