Свет
19. September 2016 - 8:33

Берлин ќе добие нова влада, АФД освои 22 пратенички места

Одличниот резултат на националистичката Алтернатива за Германија (АФД)   која освои над  13% од гласовите на изборите во главниот град Берлин ќе предизвика промена во покраинската влада.
 
Наместо коалицијата меѓу Социјалдемократите (СПД) и Христијанските - Демократи (ЦДУ) кои го водеа Берлин во последните 5 години во иднина СПД ќе мора да бара нови партнери , најверојатно меѓу „Левицата“ и „Зелените“ кои што освоија по околу 16  % од гласовите. 
Во парламентот на Берлин (кој заедно со Бремен и Хамбург се единствени градови - покраини) влегуваат и „Слободните демократи“ (ФДП) и националистите од АФД кои што ќе имаат 22 од вкупно 149 пратенички места, јавува дописникот на МИА од Берлин. 
Значителен број на гласови освои и  „Партијата на пиратите“, околу 1,7 %, а сите останати партии околу 6,5 %. 
За да формира стабилна влада старо новиот градоначалник Михаел Милер од СПД која освои 23 % од гласовите , мора да внесе уште најмалку две партии во новата влада. 
Со оглед на тоа што заедно со ЦДУ имаат само 66 пратеници а потребни се 75 за мнозинство, во игра е коалцијата на СПД со „Зелените“ и „Левицата“ при што новата влада ќе има вкупно 89 пратенички места. 
Втората варијанта која е помалку очекувана е коалиција на СПД  со ЦДУ и „Зелените“  при што би се дошло до стабилна покраинска влада со 92 пратенички места. 
Без разлика на составот на новата влада на мултикултурниот  Берлин, и партиите и аналитичарите подемот на АФД, која засега влезе во 10 од 16 германски покраински парламенти, се смета за опасност  за германската политичка стабилност и враќање на национал - социјализмот.