Свет
19. July 2016 - 10:46

Берлин и Виена стравуваат од сидири меѓу Турците на нивна територија

Обидот за воен удар во Турција може да доведе до конфликт во турската дијаспора на територијата на Германија и до судири меѓу приврзаниците и опонентите на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, изјави министерот за внатрешни работи на Баварија, Јоаким Херман во интервју за весникот „Берлинер Цајтунг“.

- Со загриженост го следиме развојот на ситуацијата во Турција. Во турското општество има длабок раскол. Опасноста од ескалација на насилството меѓу приврзаниците и опонентите на Ердоган се зголеми и во Германија, предупреди тој.

Истовремено и во Австрија водечките политичари од сите партии се оградија од демонстрациите за поддршка на Ердоган, кои се одржаа во текот на викендот во Виена и во другите австриски градови.

Канцеларот Кристијан Керн изјави дека тие демонстрации предизвикуваат непријатност, а вицеканцеларот Рајнхолд Митерленер побара лојалност од граѓаните од турско потекло. 

- Се чувствувам непријатно кога гледам дека станува збор за политички и верски мотиви, рече Керн за австриската државна телевизија ОРФ. 

Тој истакна дека Австрија не е навикната на вакви работи и оти вакви демонстрации не соодветствуваат со политичката култура на земјата.

- Не прифаќам внесување на политички конфликти од странство. Во Австрија не прифаќаме паралелни структури, изјави тој.