Балкан
1. September 2017 - 8:23

Баша го обвини Рама за лажна војна против дрогата

Лидерот на најголемата албанска опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша го обвини премиерот Еди Рама дека исплашен од предупредувањата на меѓународнот фактор води лажна војна против дрогата.

- Под притисок на странците и пред опасноста од укинување на слободното движење и интеграцијата, поради организираниот криминал и наркотиците, Рама води лажна војна против дрогата со телевизиски претстави, обвини Баша.

Според него, трикот е насочување кон незначителни личности, додека шефовите на организираниот криминал уживаат заштита.

- Но, она што ја демаскира вистинската политичка волја на Рама е назначувањето на Грамоз Ручи на чело на Парламентот и Фатмир Џафај како прв човек на Министерството за внатрешни работи. Нивната промоција е триумф на организираниот криминал во политиката , посочува Баша.

Тој потсетува дека уште од 2005 година американската влада на Ручи му забранила влез на територијата на САД, поради негова вмешаност во организиран криминал и трговија со дрога.

Според Баша, Фатмир Џафај е уште една дискредитирана личност вклучена во одбрана на неговиот брат Агрон Џафај, осуден со конечна одлука од Врховниот суд на Италија како еден од водачите на меѓународниот шверц на кокаин од Латинска Америка до Европа.

Од друга страна, нагласува тој, повеќе пратеници, блиски на Рама, исто така се поврзани со криминал и дрога.

- Сузбивањето на организираниот криминал со поддршка и политички врски е главен предизвик што Албанија мора да го надмине. Ова бара совесност и единство на сите оние кои сакаат нормална држава, без криминал и дрога, со можност чесно да живеат, смета Баша.