Свет
1. October 2017 - 21:56

Барселона: Шпанија е срам за Европа

Шпанија ќе одговара пред меѓународните судови поради денешното насилство во текот на обидите на националната полиција за спречување на референдумот за назависност на Каталонија, изјави вечерва портпаролот на каталонската регионална Влада, Жорди Турул, додавајќи дека шпанската држава денеска е „срам за Европа“.

- Шпанската држава се искомпромитира и на крајот ќе одговара пред меѓународните судови. Она што го прави полицијата е обично варварство. Тоа е меѓународен скандал. Шпанија денеска е срам за Европа, изјави вечерва Турул на прес-конференција во Барселона.   

Тој рече дека и покрај полициските акции очекува да „бидат преброени милиони гласови“ на референдумот и дека на луѓето кои се уште чекаат во редовите за гласање ќе им биде дозволено да ги уфрлат во кутиите своите гласачки ливчиња.

Каталонската Влада претходно соопшти дека гласачките места ќе бидат затворени во 20 часот, а Турул вечерва потврди дека временскиот рок за гласање не е продолжен.

Според Турул, во полициските акции се затворени 319 од вкупно околу 2.300 гласачки места за денешниот референдум, кој шпанските власти го прогласија за нелегитимен.

Градоначалничката на Барселона, Ада Колау, во меѓувреме, го обвини шпанскиот премиер Маријано Рахој дека е „кукавица, кој се крие зад обвинителите и судовите“.

- Денеска тој ги премина сите граници со полициските акции против нормални луѓе, возрасни лица и семејства, кои ги бранеа своите основни права, порача Колау.

Таа побара Рахој да поднесе оставка и ја повика Европската унија да зазема став за она што се случува во Каталонија.

Каталонските здравствени власти претходно соопштија дека при полициските акции за попречување на референдумот се повредени 465 лица, од кои две се во тешка состојба и се хоспитализирани.

Шпанската полиција денеска употреби гумени куршуми во обид да ги затвори гласачките места во Каталонија, каде илјадници луѓе излегоа да се изјаснат на референдумот за независност.

каталонија-суди

Телевизиите прикажаа инсерти од судирите на кои се гледа како полицајци удираат луѓе и се обидуваат да им одземат гласачки ливчиња и кутии.

Попладнево, шпанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека до 15 часот затворила 92 гласачки места и оти во судирите со демонстранти биле повредени 12 полицајци.