Фудбал
23. August 2017 - 10:00

Барсегјан: Ќе сториме се за поволен резултат во Истанбул

Македонскиот шампион Вардар денеска ќе патува за Истанбул, каде утре ќе го игра реванш натпревар против Фенербахче, во последната квалификациска рунда пред групната фаза во Лига Европа. 
 
Вардарци се пред историски успех, имајќи в предвид дека по првиот натпревар во Скопје имаат убава предност од 2:0. 
 
Стрелецот на првиот гол за црвено-црните во тој меч Тигран Барсегјан, посакува среќен крај и вели дека покрај добриот резултат од првиот меч, тоа не е гаранција за конечен успех. 
 
„Резултатот од првиот натпревар е добар, но не е гаранција дека сигурно ќе поминеме понатаму. Имаме шанса да направиме нешто големо, и ќе дадеме се од себе за поволен резултат на реваншот против Фенербахче. Мораме да бидеме концентрирани во текот на целиот натпревар. Играме против еден голем тим кој што има одлични играчи во своите редови. Меѓутоа на првиот меч и на претходните натпревари покажавме дека ако функционираме како тим, можеме да победиме секого. Секако дека мене ми е драго што постигнав гол на првиот натпревар, и нормално посакувам да биде така и на реваншот, но во преден план е Вардар да излезе како севкупен победник. Се надеваме дека тој резултат кој го остваривме ќе биде доволен да одиме во следната фаза и да ги израдуваме сите кои навиваат за нас и нè поддржуваат“, изјави Барсегјан.
 
Руванш дуелот меѓу Фенербахче и Вардар ќе се игра на стадионот „Шукру Сарачоглу“ в четврток, со почеток од 19:30 часот.