Фудбал
15. јуни 2017 - 10:06

Барди: Подготвени сме за предизвикот

Македонската репрезентација до 21 година во одлична атмосфера ги продолжува подготовките за првиот натпревар против Шпанија на Европското првенство во Полска.
Енис Барди очекува добар настап и резултати на ЕУРО 2017.
 
- Веројатно кај сите се чувствува позитивна трема, но тоа е добро - на тој начин знаеме дека ќе бидеме подготвени. Фокусирани сме на тренинзите и задачите кои ни ги дава селекторот. Подготвени сме за предизвикот, знаеме дека поминавме тежок, исцрпувачки пат до пласманот на Европското првенство и ќе дадеме се од себе да продолжиме со позитивни резултати. Имаме амбиција и ентузијазам, знаеме и кои е нашиот прв противник, но ќе дадеме максимум за некои работи на теренот да се прашаме и ние, истакнува  Барди.
 
Неговиот соиграч од репрезентацијата и еден од столбовите во одбраната Дарко Велковски истакна:
 
- Атмосферата во репрезентацијата е секогаш одлична. Опуштени сме, но работиме со полна пареа. Благодарни сме за поддршката која ја добиваме од навивачите во Македонија, но на стара слава не се живее. Сега сме на неколку дена од првиот натпревар во квалификациите и максимално сме посветени на пресметката против Шпанија. Оваа репрезентација покажа дека може да биде на високо ниво, а верувам дека добро ќе ја затвориме одбраната - секако со помош на целата екипа, бидејќи одбраната не зависи само од двајца стопери.
 
 
Првиот натпревар на ЕП Македонија ќе го игра на 17 јуни (сабота) против Шпанија, а потоа следат мечеви против Србија (20 јуни) и Португалија (23 јуни).