Свет
27. May 2016 - 10:41

Барак Обама пристигна во американската база близу Хирошима

Претседателот на САД Барак Обама денеска пристигна во воено-воздухопловната база во јапонскиот град Ивакуни, пред да ја посети Хирошима – еден од двата града коишто на крајот од Втората светска војна, во 1945 година беа погодени со атомска бомба од страна на САД, пренесува БТА.

Во базата има и американски и јапонски војници, и таа се наоѓа на 40 км од Хирошима. Обама ги пофали добрите односи меѓу САД и Јапонија, и ги оквалификува како „едни од најцврстите во светот".

Во областа околу Паркот на мирот во Хирошима има засилени мерки за безбедност. Уште рано изутрина таму се испратени стотици полицајци и агенти на службите за безбедност. Малку пред пристигнувањето на Обама зоната е привремено затворена за посетители.

Експлозијата на американската атомска бомба во Хирошима на 6 август 1945 г. предизвика смрт на 70.000 до 100.000 луѓе. Многу од преживеаните пак, починаа како последица од радиоактивноста и други последици од експлозијата. Вкупниот број на жртвите, според официјални податоци од 6 август 2015 г. е 297.684 лица, посочува ТАСС.

Во Хирошима, Обама ќе стане првиот американски претседател, кој им оддал почит на жртвите од трагедијата.

Непосредно пред посетата, Обама рече дека нема да се извини за бомбата во Хирошима.

На прашањето дали планира да се извини за време на посетата во Хирошима, Обама одговори: Не, бидејќи мислам дека е важно да се разбере дека лидерите за време на војните носат секакви одлуки.

- Задачата на историчарите е да поставуваат прашања и да вршат истражувања, но како некој кој ја врши оваа функција во последните седум ипол години, знам дека секој државник носи многу тешки одлуки, особено за време на војна, наведе Обама.