Балкан
26. March 2017 - 10:46

Балкански мистерии

Ослобоѓење – Сараево

Ако бегалците од Босна, како што тврди Карл Билт, ја направија Шведска подобра земја, зошто тогаш тие кои останаа во Босна и Херцеговина својата сопствена земја ја направија полоша од кога било до сега?

Една стара, во политичката фразеологија добро позната поговорка гласи дека секој народ има власт каква што заслужува и обично се наведува во контекст на лоша состојба во некоја земја. Босна и Херцеговина има евидентно најлоша власт во Европа, која веќе 20 години, на волја на гласачите, се регрутира од корумпирани етнонационалистички структури. Во однос на наведена поговорка, излегува дека Србите, Хрватите и Босанците, бидејќи имаат власт каква што заслужуваат и самите се најлоши народи во Европа.

Секако, народот не е ни извозна ни увозна стока, па така ни овој наш босански свет не може да се замени со некој друг, цивилизациски по еманципиран и понапреден европски народ, со кој Босна би изгледала многу поинаку. Сепак, често се прашувам дали со некои други, помодерни лидери тукашните Срби, Хрвати и Босанци и самите би биле подобри од што се.

Тука неизбежно се наметнува споредбата со колективното достигнување во социјалистичка Југославија, чии генерации, дали тоа му пречи на некого или не, би биле неспоредливо по успешни во сите области од животот од овие денешните. Тоа беше систем со многу недостатоци, но и со многу социјални предности какви повеќе никогаш нема да ги имаме. Во почетокот на 90-тите години од минатиот век добивме демократија, но со политиката на Милошевиќ бевме бутнати во братоубиствена војна и останавме без гаќи. Ни 20 години подоцна не беа доволни да облечеме други. Нашите голи задници се метафора на нашето константно пропаѓање.

Нашиот стар познаник Карл Билт, премиер и министер за надворешни работи на Шведска и прв висок претставник на меѓународната заедница во БиХ, неодамна објави колумна во Вашингтон Пост во која ја критикува антимигрантската политика на новиот американски претседател Доналд Трамп. Билт меѓу другото пишува и за бегалците од БиХ, мнозинството муслимани и го наведува следниот случај: „На еден јавен собир во Шведска ми пријде млада жена, Ана Ибришагиќ. Нејзиниот пат од Сански Мост до Шведска бил само почеток. Почнала да се занимава со бизнис и политика, избрана е во шведскиот парламент, а потоа и во Европскиот парламент како прва Босанка. Десет години била пратеничка избрана од Шведска и Швеѓаните. Бегалците од Босна се присутни секаде: во спортот, културата, бизнисот и политиката. Тие дадоа едно посебно значење на нашата земја, тие мафтаат со шведското знаме и ги пејат нашите песни. Ја направија Шведска подобра земја”.

Ако е така, зошто тогаш тие кои останаа во Босна и Херцеговина ја направија сопствената земја полоша од кога било ? И како тоа воопшто им успеа? Можеме ли без малку лична и колективна вознемиреност да преминеме преку изјавите на познатиот фрањевец, вљубеник во БиХ, кој пред две три години даде изјава за Слободна Босна: „Имало во Босна и полоши времиња, но никогаш немало и полоши луѓе”.

Дали тоа е така бидејќи од Босна и Херцеговина замина нејзиниот најдобра човечки материјал, а останаа, чест на исклучоците, тие најлошите – армија на полу образовани, неосвестени луѓе кои ги запоседнаа испразнетите градови и со кои владее етничка политичка и тајкунска олигархија и верскиот авторитет. Средната класа, темел на секое општество, е десеткувана и практично е занемарена. Целиот систем е алчен за пари и привилегии, а меѓу тие за кои се виде дека се најподложни на мито и корупција се и десетици обвинители, судии и полициски инспектори. Постојат и такви примери над кои и самиот Молиер би се зачудил – судија во едно босанско градче претпладне да суди на други, а попладне да му се суди него!?

Накусо, дејтонска Босна и Херцеговина, дисфункционална каква што богот на американската дипломатија Ричард Холбрук ја создаде, претставува царство на корупција, непотизам, сиромаштија и насилство. Иако со скромен формат, нашите политичари сепак не се толку глупави странците да мора да им држат лекции за тоа дека политичката и секоја друга корупција не е дозволена, дека државни пари не смеат да се крадат, дека полицијата и судството мора да бидат независни... Тие на сето тоа нишаат со глава, ветуваат дека повеќе нема да биде така, но набрзо се фаќаат во лаги.

Парадоксот да биде поголем, тие истите странци ги тераат на неискреност.

Еве, неодамна, првата жена на Европската унија, госпоѓа Могерини престојуваше во Сараево, се состана со лидерите и претставниците на политичките партии и слушнете што рече: „Импресионирана сум од напредокот на БиХ?!”.

До вчера тука не чинеше ништо, фрустрациите кои предизвикаа покренување на ревизија на пресудата против Србија за геноцидот во Сребреница, кулминираа со страв од нова војна, а денес многу работи наводно се добри. Ете, чуда се случуваат преку ноќ, а никој не знае по чија заслуга и како. Како е можно еден Милорад Додик, кој пред само неколку дена рече во Белград дека Република Српска „е со сила во Босна и Херцеговина, но еден ден ќе биде таму каде што сака”, во Сараево нагло го промени паметот и пред Могерини беше наводно „мек како памук”.

Чисто се сомневам во неговата иницијација. Ништо тука не може да се направи се додека од рацете на нашите политички поглавари не избие картата на национализмот. Таа карта ги одржува на власт, страшило кое цели народи ги држи во страв, терајќи ги да се плашат едни од други. Во Шведска и не само во Шведска, странец никој не го прашува која вера и која нација е, тоа дури и се казнува, а тука тоа е прашање на сите прашања. Во денешна Босна и Херцеговина, на млад човек веќе на старт судбината и општествената позиција му ја одредува националната, верската и партиската припадност. Затоа младите луѓе бегаат од тука, а тие кои го наметнаа наведеното правило и понатаму мирно спијат.

Но, како што реков и странците ме збунуваат. Само по еден ден откако Могерини рече дека задоволна го напушта Сараево, шефот на словачката дипломатија и поранешен висок претставник во БиХ, Мирослав Лајчак изјави дека смета дека таа се вратила фрустрирана од патот низ Балканот и додаде дека „две држави во западен Балкан се на раб на дезинтеграција, а три во длабока криза”. Прашање за госпоѓа Могерини: каде е тука Босна и Херцеговина, на раб на дезинтеграција или само во длабока криза?!