Балкан
27. February 2017 - 12:57

Бајден: Во БиХ имаше геноцид, а не граѓанска војна

Поранешниот потпретседател на САД, Џозеф Бајден, кој на свеченост во Вашингтон од Советодавниот совет на БиХ прими награда за животно дело, изјави дека мора да се зборува за геноцидот во БиХ.

Бајден изјави дека нема ништо на што е повеќе горд од  поврзаноста со напорот да се прекине геноцидот во Босна и Херцеговина. Тој се потсети и на времето кога слушал за агресијата и злосторствата кои се случувале во 90-те години во оваа земја, пренесе босански Клик.

- Преку слушање и контакти со други дипломати бев уверен дека Слободан Милошевиќ планира етничко чистење во БиХ, рече Бајден.

Како што самиот кажа, за време на агресија верувал дека народот во БиХ има право да се брани, па зтоа во март 1992 година ја предложил Резолуцијата за воведување ембарго за увоз на оружје, што ОН и НАТО подоцна одлучија да го наметнат. Тој истакна дека додал уште еден елемент, а тоа е да се воведе ембарго и да се нападне ЈНА, која ја минувала реката Дрина за да предизвика хаос што го планирала во БиХ, но дека тогаш ништо не се случило.

- Вие преживеавте. Изгубивте семејства, изгубивте домови. Се боревте да го зачувате вашиот дигнитет. Тоа не беше граѓанска војна, тоа беше геноцид. Едноставно геноцид. И тоа се случуваше пред очите на цела Европа, рече Бајден.