Свет
25. April 2017 - 12:42

Австралија и Нов Зеланд ја одбележуваат годишнина од битката кај Галиполе

Стотици илјади Австралијци и Новозеланѓани присуствуваа денеска на церемонијата на Австралиско-новозеландскиот корпус, кој учествувал во Првата светска војна, со која се одбележува годишнина од битката кај Галиполе и им оддадоа почит на војниците во Ирак и Авганистан.

Денот на Австралиско-новозеландскиот корпус се одбележува на 25 април во Австралија и Нов Зеланд и е главен национален празник на двете земји. 

Во битката во Галиполе загинале 11.500 војници од двете држави. Таа крвава епизода од Првата светска војна придонесува за формирање на идентитетот на Австралија и Нов Зеланд како независни држави. 

Денеска навршуваат 102 години од денот на десантот на Австралиско-новозеландскиот корпус на турскиот полуостров Галиполе, со кој се означува вклучувањето на Австралија и Нов Зеланд во Првата светска војна. Во таа војна животот го загубиле вкупно 60 илјади Австралијци. Сите Австралијци, кои учествувале во таа војна биле доброволци. 

Денот на Австралиско-новозеландскиот корпус почнал да се одбележува во 1916 година. Најпрво тој бил ден на ветераните и загинатите само во Првата светска војна, но по Втората светска војна на 25 април во Австралија и Нов Зеланд им се оддава почит на сите нивни граѓани, кои се бореле во сите војни и воени конфликти со нивно учество.

Австралискиот премиер Малколм Турнбул, кој е во посета на Авганистан и Ирак, го пофали сегашното учество на австралиските војници.

- Како вашите дедовци пред 100 години, Австралиско-новозеландскиот корпус во Првата светска војна, вие сте тука на Блискиот Исток, рече Турнбул пред австралиските војници во Багдад. 

- Овој пат се борите против тероризмот и сте на линијата на фронтот, додаде тој. 

Турнбул се сретна со ирачкиот колега Хајдер ал Абади, на кого му вети 110 милиони австралиски долари (76 милиони евра) помош во борбата против групацијата Исламска држава. 

Во Авганистан се распоредени 270 австралиски војници, а 780 учествуват во борбата против ИД во Ирак и Сирија. Најмалку 42 австралиски војници се убиени во Ирак од 2002 година.