Македонија
21. February 2018 - 17:53

Авантуристот Чанг Чунг Јонг гостин на струмичките пожарникари

Триесет и осумгодишниот авантурист  Чанг Чунг Јонг од Тајван, кој многумина го нарекуваат Џеки Чен, и кој со велосипед патува по светот, изминатите три дена им беше гостин на струмичките пожарникари.

Тој денеска пред Противпожарната станица во Струмица ги вршеше последните подготовки за да го продолжи патот кон Република Бугарија.

- На пат тргнав во јуни 2015 година, кога имав 35 години, така што во јуни оваа година ќе се навршат точно три години од моето тргнување. Моето патешествие го почнав од Аљаска, по што ги поминав цела Северна и Јужна Америка. Потоа се префрлив во Европа, а во вашата прекрасна држава влегов од Србија, објасни Чанг Чунг Јонг.

Раскажува дека воопшто не му е лесно и дека со својот велосипед секаде наидувал на добар прием. Единствено имал проблеми во Мексико, каде што крадци му ги земале парите.

- Тоа бргу го заборавив. Сретнав и се надевам дека ќе сретнам уште прекрасни луѓе кои ми помагаат. Ми даваат храна, ме сместуваат, ми помогаат кога имам дефект на велосипедот. Не можам да најдам зборови да им се заблагодарам, рече Чанг Чунг Јонг.

Потенцира дека неговата генерална порака е да има мир секаде во светот и да живее во хармонија. - Не сакам да имам само пријатели од Тајпеј, мојот роден град и главен град на мојата држава, туку да имам пријатели од секаде, од сите краишта на светот, истакна Чанг Чунг Јонг.

Чанг Чунг Јонг во Струмица

До крајот на денот или доцна во ноќта тој ќе стаса во Петрич, а оттаму преку граничниот премин Кулата ќе продлолжи за Грција, а потоа и за Турција.

- Оттаму ќе продолжам за Африка. Планирам до отидам до Јужна Африка, на крајот на континетот и потоа да продолжам за Австралија. Откако ќе го поминам и тој континент ќе се упатам кон Азија, поточно кон Тајван, додаде Чанг Чунг Јонг.

Патот планира да го заврши до крајот на 2020 година. Пред тргнување тој се поздрави со пожарникарите и се заблагодари на струмичани и пожарникарите што беа негови прекрасни домаќини изминативе три дена. Додаде дека секогаш ќе се сеќава на неговиот престој тука и на добрите домаќини кои ширум му ги отворија портите на Противпожарната единица во Струмица.

Струмичките пожарникари ги информираа своите колеги во Петрич, Бугарија и во Серез, Грција дека во наредните денови на гости ќе им дојде авантурист  Чанг Чунг Јонг од Тајван, кого многумина го нарекуваат Џеки Чен.