Спорт плус
31. August 2016 - 14:27

Атрактивни одбојкарки од цела Европа на скопските плажи

Скопје од утре до недела ќе биде домаќин на Сателит турнир од програмата на ЦЕВ во одбојка на плажа. 

На натпреварите кои ќе се одржат на Градската плажа „Парк“ на брегот на Вардар  учество ќе земат 25 екипи од 16 европски земји. 
„ Љубителите на овој спорт ќе можат да ги видат најатрактивните и најдобрите женски одбојкарски двојки во Европа“- изјави техничкиот комесер на ЦЕВ , Бугаринот Тошо Стојанов. 
Генералниот секретар на ОФМ, Зоран Карановиќ му се заблагодари на Град Скопје за поддршката од еден милион денари и обезбедувањето на бројни спонзори за успешна организација на овој турнир:
„ Наградниот фонд е 8000 евра но најзначајно е што добивме организација на ваков сателит турнир кој Македонија ќе ја зацврсти на одбојкарската карта за турнири на плажа“ - рече Карановиќ. 
Претставникот на Град Скопје, Зоран Шишковски изрази задоволство што овој турнир се одржува по 7-ми пат на оваа локација во Скопје и најави дека размислуваат за организирање во некоја од следните сезони на друга локација како што се бројните плоштади во градот со што би се направил екстра терен со монтажни трибини и ширум би се отвориле портите за добивање организација на Мастерс турнир во одбојка на плажа- рече Шишковски. 
Според програмата в четврток од 10 до 18 часот на програмата се квалификации по што 8 двојки ќе им се придружат на носителите и вкупно 16 екипи ќе се натпреваруваат за освојување на првите три места. 
Завршните натпревари се в недела кога ќе се играат и натпреварите за 3. и 4 место.  Сабота и недела ќе има натпревари и во вечерните термини до 22ч.