Спорт плус
31. August 2016 - 19:31

Атрактивен одбојкарски викенд на скопските плажи

Одбојкарската Федерација на Македонија во соработка со Град Скопје, по седми пат оваа година ќе организира Меѓународен турнир во одбојка на песок - „Скопје Сателит 2016“ за жени. Натпреварите ќе се играат на терените на Градската плажа „Парк“.

- Традицијата на организација на овој турнир продолжуваа и оваа година. Ќе организираме турнир во женска конкуренција. Пријавени се 25 парови од 16 држави. Термините се од 1 – 4 септември, соопшти Генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија, Зоран Карановиќ кој го најави и доаѓањето на претседателот на Европската одбојкарска конфедерација Александар Боричиќ.

Претставникот на Град Скопје, Зоран Шишковски ги повика своите сограѓани во голем број да присуствуваат на натпреварите во следните четири дена.

- Во изминатите седум години Град Скопје настојува на граѓаните да им овозможи нови содржини на кејот на реката Вардар. Во таа насока се изградени и одбојкарските игралишта на песок кои граѓаните масовно ги користат во летните денови. Една од содржините на овие игралишта е и Меѓународниот турнир кој веќе седма година го организираме заедно со ОФМ. Оваа година Град Скопје го помогна одржувањето на турнирот финансиски со еден милион денари и со огромна логистичка поддршка од страна на вработени лица во градските јавни претпријатија на кои им изразувам голема благодарност. Ги повикам жителите на Скопје да ги проследат натпреварите на кои ќе учествуваа квалитетни одбојкарки од цела Европа, рече Шишковски.

На прес-конференцијата присуствуваше и претставникот на Европската одбојкарска конфедерација и супервизор на турнирот Тошо Стојанов од Бугарија. Тој упати признание за градските власти и раководството на федерацијата што и покрај неодамнешните проблеми со поплавите кои го зафатија скопскиот регион, сепак турнирот не беше откажан.

- Големо признание што во тешко време ја продолжувата традицијата која трае седум години. Тука сум да помогнам заедно да направиме добар турнир, подобра во однос на минатата година. Треба да ја искористиме оваа инфраструктура и да ја надградуваме. Тука има многу луѓе кои сакаат да помогнат, да придонесат се да протече во најдобар ред. Ова е доказ на добра соработка на градот и на федерацијата и е рецепт за успешност. Се гледа дека тука се сака нешто да се направи. Затоа апелирам луѓето да дојдат и да ги видат натпреварите од овој прекрасен спорт, истакна Стојанов.

На турнирот кој е со награден фонд од 8.000 евра, покрај од Македонија, пријавени се да настапат одбојкарки од: Австраија, Белгија, Бугарија, Чешка, Данска, Финска, Франција, Германија, Грција, Косово, Холандија, Романија, Турција Украина..

Од Македонија пријавени се две двојки:

Марија Трајковска Петровиќ – Емилија Поп Јорданова и 
Моника Јаневиќ – Тамара Стојанова.