Македонија
23. March 2017 - 14:48

Асфалтирање на пат во кривопаланечка Конопница

Интензивно се работи на изградбата на патот во кривопаланечкото село Конопница, во маала Стамболици до спојот со магистралниот пат (А2), Куманово-Крива Паланка.

Ова е еден од трите патни правци во општина Крива Паланка кој во моментот се гради со средства од Светска банка, со вкупна вредност од 260.000 евра, обезбедени преку Министерство за финансии, со грант од ИПА програта на Европската унија.

- Овој патен правец е во маала Стамболици, од м.в. Рампа до месноста Штала во село Конопница. Се работи за пат кој ќе биде со широчина од пет метри и должина од 716 метри. Ќе биде ново асфалтно поврзување на селото со магистралата, а ќе се скрати времето за патување кон околните населби или централното градско подрачје, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Мал дел од трасата останува да се тампонира, а поставени се и ивичници. Се работи на градба на потпорна стена на еден дел од патот, а динамиката на градба е забрзана согласно подобрените временски услови.

- Ова ќе придонесе и повторно да се населуваат граѓани во овој дел од Конопница, кое е големо село. Веќе има интерес од страна на сопственици на имот од двете страни на патот да градат домови, што особено не радува, истакна Алексовски.

Додаде дека многу скоро ќе се премине на следната фаза за асфалтирање на овој патен правец.

Во општина Крива Паланка паралелно се работи на изградба и асфалтирање на патните правци од Деловодци преку м.в. Кула до црквата во село Конопница со должина од 1.100 метри и пристапна улица „Ацо Шопов“ –крак 1 во населба Лозаново.