Свет
18. January 2017 - 10:28

Асанж е подготвен на преговори со САД по прашањето за негова екстрадиција

Џулијан Асанж, основачот на Викиликс, кој стана познат по објавувањето на американски доверливи документи е подготвен на преговори со САД во врска со прашањето за негова екстрадиција, изјави неговиот шведски адвокатот Пер Самуелсон.

- Тој е подготвен на преговори по тоа прашање и очекува иницијатива од американска страна, рече адвокатот. 

Претходно, основачот на Викиликс изјави дека е подготвен да се согласи на екстрадиција доколку американските власти го помилуваат главниот информатор на сајтот, Бредли Менинг, кој беше осуден на 35 години затвор. Трансродниот војник, откако го смени полот, се вика Челси Менинг. Прес-службата на Белата куќа вчера соопшти дека Барак Обама донел одлука за намалување на пресудата на Менинг и оти таа ќе биде ослободена на 17 мај. 

Од 2012 година Асанж живее во Амбасадата на Еквадор во Лондон, откако побара азил во таа земја, за да ја избегне екстрадицијата во Шведска, каде е осомничен за сексуален напад. Асанж ги демантира тие обвиненија, нагласувајќи дека се политички мотивирани. Тој стравуваше дека од Шведска може да биде депортиран во САД, каде му се закануваат 35 години затвор или можеби смртна казна за објавување тајни документи. 

Челси Менинг, кој е поранешен американски војник, на Викиликс предаде над 700 илјади воени и дипломатски доверливи документи, а исто така и видеофајлови, поврзани со американската воена операција во Ирак во периодот 2009-2010 година.